Монтажери, фотографи, аналитичари – 55 имиња на хонорарци на владиниот список

 Монтажери, фотографи, аналитичари – 55 имиња на хонорарци на владиниот список

Од 14.500 до 60 илјади денари биле исплаќани како хонорари на лицата коишто се најдоа на владиниот список. Само еден од ангажираните работел без надоместок.
Монтажери, тонци, фотографи, графички дизајнери, лица задолжени за анализи и медиа мониторинг се најдоа на долгата листа на хонорарци на Владата со кои биле склучени авторски договори од почетокот на годинава. На 55 хонорарци, чии имиња денеска беа јавно објавени, им се исплатени хонорари од 14.500 до 60 илјади денари. Од Владата се децидни дека не станува збор за тајни хонорарци, туку за стручни лица кои се потребни на институциите.

По притисокот на јавноста, Владата го објави списокот од хонорарци, кој содржи податоци и за висината на хонорарот, но и опис на работниот ангажман за којшто биле ангажирани. Најголем дел од хонорарите се движат од 30 до 40 илјади денари. Најнизок хонорар од 14.500 денари е исплатен за ’толкување на знаковен јазик на прес-конференции за потребите на Канцеларијата на премиерот’, а највисок хонорар од речиси 1.000 евра е исплатен за ’Анализа на информации и податоци за изготвување извештај со елаборирање – на претседател на ИКТ совет’. Само за едно лице е наведено дека без надометок направило анализа на ’информации и податоци за изготвување на извештај со елаборирање од областа на енергетиката’.

-повеќе на темата: Хонорарците си ги бараат парите: плативме придонеси, а не добивме ништо!

Објавувањето на листата следува по новинарското истражување на „Призма“ (БИРН), во кое беше наведено дека за договорени услуги кон хонорарци во изминативе две години од државниот буџет биле исплатени 2 милиони евра. Владата објави список со 55 лица ангажирани со авторски договори од 1 јануари 2021 година, а БИРН јави за 58 исплатени фактури за декември 2020 година.

Mazedonien Geld Denar
За случајот се заинтересира и Државната комисија за спречување на корупција, којашто по допрен глас отвори предмет за овој случај. Тие сметаат дека авторските дела кои се платени со буџетски пари треба да се јавно достапни за граѓаните.

Од Владата велат дека досега не биле објавени имињата за да се заштити интегритетот и приватноста на ангажираните лица. „Во минатото сведочевме голем број организирани напади полни дезинформации, а дури и сега во конкретниот случај, сведочиме хајки преку одделни веб-портали и медиуми и на социјалните мрежи на лична основа и со обиди за загрозување на приватноста на граѓаните кои имаат чисти професионални договори за извршување задачи за Владата за поддршка на активностите кои се од интерес на граѓаните. Во таа насока, упатуваме јасна порака дека Владата и институциите ќе ги искористат сите институционални механизми кои се на располагање да ги заштитат професионално ангажираните лица од јавен линч, нарушување приватност, говор на омраза или повици за насилство“, е ставот на Владата.

Related post